Создава ремек дела од торти: Македонскиот мајстор на слатките

Уметниците се изразуваат на најразлични начини и преку најразлични медиуми. Способноста успешно да се реализира едно дело кое ќе биде допадливо за повеќето, на секој уметник му е достигнување. Дури и кога се работи за правење торти. Во последно време, сведоци сме на фантастични мајстори кои изработуваат слатки произиводи, но на начин кој ги руши бариерите на стандардното, при тоа давајќи му примат на визуленото со огромна доза на уметничка екстраваганција. 

Токму такви торти создава младиот мајстор- уметник Никола Ристов од Струмица. Кога ќе ги видите неговите „зашеќерени“ дела, ви доаѓа да кажете „браво мајсторе“. Со неверојатна имагинација прави вкусни торти, со сликарска четка ги насликува, а ги декорира со најразлични инспирации кои изгледаат совршено. Прецизен и многу вешт, Ристов слободно може да парира на светските мајстори на торти.

-Пораснав со бизнисот на мајка ми…Секојдневно експериментирав за многу работи поврзани со дизајн на тортите.По завршување на факултетот за дизајн и мултумедија,морав да одлучам дали ќе почнам нешто ново поврзано со дизајн или ќе го усовршам созадавањето магија- вели Никола.

Со голема желба се впуштил во акција, а создавањето на тортите го усовршил до перфекција. Вметнал уникатност и уметност.Не дека пред тоа ги немало овие нешта,но не во големи дози.

Инспирацијата ја црпи од разни места и секогаш тортите се различни, несекојдневни и изгледаат свежно, исполнети со финален допир на уметност.

-Инспирацијата ја црпам најчесто од желбите на луѓето.Доволно е еднасредба и неколку зборови од клиентите за да се нурнам во мојата фантазија, а подоцна со мојот тим да направиме предмет кој треба да се јаде и се вика торта- додава Ристов.

Смета дека ништо не е тешко ако искрено се сака да се работи.Колку е потешко толку желбата е поголема.Создавањето на торта е голем процес,се додека стигне до декорирање…  – Конкретно, за декорацијата е потребна само фантазија, кретивност и прецизност- потенцира мајсторот.

Често знае на клиентите да им каже „Јас сум во љубов„со нивната торта.Но веќе со следниот предизвик може да каже дека е во ризница од омилени дизајни.  Дециден е дека дизајнот продава, но вкусот е негов синоним.

До сега нема учествувано на натпревари за правење и декорирање торти и како што вели „ Мојата цел не е наградни достигнувања туку се повеќе задоволни и среќни клиенти кои за своите торти кажуваат само убави зборови“.

Инаку, секој клиент со свое барање и приказна за торта. Ама Никола знае како да им покаже што е најдобро, каква торта да имаат, таа да биде уникатна и сите да бидат „опиени“ од вкусот. – Желбите им се во најразлични варијанти…Сепак, клиентите веќе доаѓаат со избрани модели,од кои сакаат плагијати,но по разговор со мене,секој договор завршува со истата реченица „Оставаме на тебе“- со гордост вели мајсторот.